Училишен хор и оркестар

Музиката го прави човекот подобар, го облагородува и го збогатува, па затоа не е случајно што училиштето го карактеризираат и го презентираат пеењето и музичкото изразување на нејзините ученици.

Од формирањето на училиштето па се до денес, покрај другите секции, активно функционираат училишниот хор и оркестар. Тука членуваат ученици кои се талентирани за музика, а бројот на членовите варира од година до година и се движи од 35-40 ученици за хор и 30-35 ученици за оркестар. За пофалба е тоа што нашите ученици имаат интерес за членство. Меѓу нив има ученици кои аматерски се занимаваат со музика и кои учествуваат на разни музички фестивали низ земјава и во странство со помош и менторство на наставникот Наташа Данаилова Митрова.

На пробите членовите успешно ги совладуваат техниките на вокалното пеење и техниките на свирење. Што се однесува до репертоарот може слободно да се каже дека пееме и свириме композиции од разни временски епохи, почнувајки од ренесанса па се до музика на XX век, како од домашни така и од странски композитори. Училишниот хор и оркестар земаат учество на сите училишни манифестации. Посебен акцент и внимание на нашата програма даваме кога се подготвуваме за патрониот празник на училиштето, како и за хорските и оркестарските натпревари, кои се одржуваат секоја година. Тука се гледа целокупната работа, креативност, ангажираност, упорност, истрајност и љубов кон музицирањето, како од страна на наставникот така и од страна на учениците. Овој вложен труд и напор секогаш на крајот е награден со аплауз, многубројни награди, пофалници, благодарници и дипломи на општинско, градско и државно ниво, кои ни даваат уште поголема инспирација, мотивација и елан за понатамошна работа.