Проект за меѓуетничка интеграција во основното образование

Од учебната 2013/14 година училиштето е вклучено во Проектот за меѓуетничка интеграција во основното образование. Мултиетничката интеграција претставува приоритет во нашето училиште ,и се превземаат активности кои одат во таа насока.

Преку активностите, учениците се поттикнуваат на почитување на различните од себе независно од етничката припадност, јазикот, полот, бојата, верата; да умеат да ја почитуваат и развиваат сопствената култура и да ги прифаќаат вредностите на другите култури; да придонесуваат за сузбивање на дискриминацијата, стереотипните размислувања и предрасудите. Низ истражувачките активности учениците го изнесуваат своето мислење, ги прифаќаат вредностите од областа на човековите права, се воспитуваат за соработка и солидарност со другите.

Проектните активности се реализираат со примена на училишни методи и техники за поттикнување на продлабочено учење, кооперативност, како и со самостојно истражување и откривање на знаењето. Во тој контекст, наставниците придонесуваат за создавање демократска училишна клима во паралелката, се грижат за поттикнување на интегрирање на учењето со активностите и однесувањето на учениците во паралелката, училиштето и пошироката средина, а учениците се оспособуваат да го применуваат знаењето.

Истовремено, учениците учат како да се живее во заедница во која постојат голем број културни разлики помеѓу нејзините членови, да се навикнуваат да ги надминуваат меѓусебните недоразбирања со толеранција и почит, а со тоа и како да го спречуваат создавањето на конфликтите. Стекнуваат култура на мирот, медиумска култура, учат како да преземаат општествена одговорност и на тој начин да се развиваат во лојални граѓани на државата.

Училишниот тим одговорен за оваа компонента, изготви План за реализација на активности за меѓуетничка интеграција во образованието во редовната и во воннаставните активности, со цел меѓусебно запознавање, развивање на почит и однос кон различностите. Исто така училиштето соработува со партнер училиште од регионот кое е од друг ентитет со кое заеднички се реализираат активности со ученици и наставници.