Зборот изговорен на мајчин јазик има своја музика, која јас сум ја слушнал од мајка ми. Тоа е оној збор кој не може да се преведе, а да не загуби од својата тежина и јадрост.
Коста Апостолов Солев Рацин, изникнат од пазувите на својот народ, сроден со неговите страдања и трепети. Грнчарот, работникот, поетот, книжевникот, филозофот, револуционерот, вљубениот Рацин, е најсилниот симбол, најубавата синтеза на емоции и разум, на бит и човекољубие. Тој е романтичарски спој на националност и интернационалност, на индивидуалност и универзалност. Неговото перо и поетски збор се одраз на една богата творечка природа, што извира од корените на животот на угнетениот и поробениот народ за да мине во пркос и отпор, за чекорење кон сончевата слобода.
Со својата поезија на македонски јазик, тој ги создаваше вредностите на македонската национална култура и го објавуваше нејзиното право на слободен развиток токму во времето кога беше одрекувана и забранувана.
Свесен за својата историска мисија, со огромна љубов, истрајност и одрекување Рацин беше во постојан напор и грч за посодржајно проучување и афирмација на историјата на Р. С. Македонија и на македонскиот народ. Со својот пишан збор Рацин направи мост помеѓу епохите. Неговата смелост и борба за признавање на правата на народот и класата на кои им припаѓаше, му носеа непреспиени ноќи, горчини, затвори, логори и прогонства.
Ги објавува своите есеи и песни во списанијата во Загреб, Белград, Сараево, Љубљана. Прогонуван е поради својата антирежимска дејност. Првите песни ги објавува на српско-хрватски јазик. Од 1936 година се определува да пишува на родниот велешки говор. Бил уредник на весникот Искра, илегален орган на КПЈ за Р. С. Македонија. Основоположник е на современата македонска литература. Неговата поезија прави радикален премин од поетиката на усната кон поетиката на модерната поезија. Еден дел од неговата поезија има социјална и експресионистичка, а другиот елегична димензија.
Коста Солев Рацин трагично загинува на Лопушник, 1943 година. За време на неговиот живот е објавена книгата поезија: Бели мугри (Самобор кај Загреб, 1939). Постхумно е објавена збирката Антологија бола (пишувана 1928), книгите Проза, 1952, Стихови и проза, 1954, Драговитските богомили, 1948 и др. Автор е на недовршениот роман Афион/Опиум.