Историја

Пред полни 70 години, непосредно по ослободувањето на Скопје, во малата училишна зграда во подножјето на живописното Водно, околу 300 деца за првпат слушнаа предавање на својот мајчин македонски јазик. Со тоа беше испишана првата страница од светлата книга на непресушен и несопирлив подем на нашето училиште. Потоа се редеа многу страници – седумдесет години, седумдесет генерации, на многу завршени ученици.

Почетните години беа мошне напорни и тешки. Неопходно беше да се реконструираат училишните простории, да се обезбедат материјални услови за нормална работа и да се формира наставнички кадар. Паралелно со изведување на наставата, училиштето се обновуваше и оспособуваше за вршење на својата функција. Млади и неискусни, но полни со силен ентузијазам, членовите на овој мал училишен колектив, потпомогнати од Народната власт и населението од овој крај, ги пребродија сите тешкотии.

Поради раселувањето на селата Горно и Долно Водно, бројот на учениците неколку години се намалуваше. Меѓутоа, во учебната 1953/54 година, бројот на учениците одново почна да расте. Истата година училиштето прерасна во осумгодишно основно училиште со 639 ученици и 22 наставници.

Зголемениот број на ученици наложи проширување и доградување на училиштето. Новиот дел од училишната зграда беше довршен во 1957 година. Училишниот простор се зголеми од 610 м2 на 3800 м2. Се добија нови, светли и просторни училници и кабинети, се создадоа подобри услови за изведување на настава.

Во 1963 година се изградени спортски терени за ракомет, кошарка, одбојка , атлетски патеки со што се создадоа подобри услови за наставата по физичко образование.

Развојот на училиштето од година во година се движеше по нагорна линија. Во учебната 1965/66 година училиштето ја достигна бројката со над 1100 ученици и 42 наставника.

По ова бројот на учениците во училиштето осцилираше. Денес во него се школуваат 625 ученици. Во училиштето учат и децата од Јавната Установа –Детски дом 11 Октомври.

Имајќи ги предвид потребите на родителите за згрижување на нивните деца, во учебната 1968/69 година во училиштето е организиран дневен престој за ученици со една група , а следната со две групи за одделенска настава и две групи во предметна настава. Во учебната 1972 година започна да работи една група забавиште.

Целодневната настава како нова форма на образование и воспитание, во училиштето е воведена во учебната 1983/84 година.

Училиштето Кочо Рацин остваруваше успешна соработка со повеќе сродни училишта во градот, Републиката и други држави.

Основното училиште Кочо Рацин е едно меѓу првите во оживотворувањето на основните интенции на современото реформирано училиште. Тој процес продолжи и подоцна, а позитивните резултати беа потврдени и со добивање на повеќе признанија. Во изминативе години наставиот кадар постојано водеше грижа за своето стручно усовршување и унапредување. Со задоволство можеме да истакнеме дека меѓу нашите наставници се наоѓаат и автори на учебници и прирачници, рецензенти на учебници, учесници во изработка на нови наставни планови и програми, што недвосмислено зборува за висок квалитет на наставниот кадар.

Исто така, забележливо е учеството на нашите наставници во сручниот печат, меѓу кои и во Просветно дело, Просветен работник, Образовни рефлексии и слично, со што даваат значаен придонес во осовременувањето и унапредувањето на наставниот процес. Како последица на ваквиот ангажман, многу од нашите наставници се добитници на разновидни опшествени и стручни признанија и награди.

Покрај редовната настава, посебно треба да се истакне работата на секциите и слободните ученички активности, кои на учениците им овозможуваат да ги прошират и продлабочат знаењата , да ги развијат креативните способности по одделни наставни предмети. Многу ученици, преку членувањето во секциите, постигнале врвни резултати и освоиле први места на општински, градски, републички и државни натпревари.